Форумот за образовни промени (ФОП) го презентираше извештајот од мониторингот на работата на Агенцијата за квалитет во високото образование, отворајќи дискусија за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на механизмите за обезбедување квалитет во високото образование во Северна Македонија.
На 26 октомври 2026 година, ФОП организираше јавна презентација на извештајот, на која присуствуваше и заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани. На настанот беа презентирани клучните наоди и препораки од истражувањето, со посебен фокус на работата на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација.
Извештајот ги анализира одлуките на институциите надлежни за обезбедување квалитет во текот на 2025 година. Од вкупно 179 одлуки за акредитација на студиски програми, 141 биле позитивни, а 38 негативни, додека бројот на акредитирани студиски програми бележи пораст од 28% во споредба со претходната година.
Истражувањето укажува и на предизвици во функционирањето на системот за евалуација, транспарентноста на одлучувањето и институционалните капацитети за обезбедување доследни стандарди за квалитет.
Објавувањето на извештајот доаѓа во особено значаен период, кога е во тек процесот на законски измени преку новиот Закон за обезбедување квалитет во високото образование, кој предвидува реструктурирање на Агенцијата и нејзините органи. Во овој контекст, ФОП настојува наодите и препораките од истражувањето да послужат како основа за реформи засновани на докази и за зајакнување на независноста, транспарентноста и институционалната отчетност.
Акредитацијата не треба да претставува само дозвола за изведување студиски програми, туку гаранција за нивниот квалитет.
ФОП ќе продолжи да ја следи работата на надлежните институции и активно да придонесува во реформските процеси во високото образование, инсистирајќи квалитетот да биде основен критериум при секое одлучување.
Целосниот извештај од мониторингот е достапен за преземање подолу.