Очекувањата за „најубавите години од животот“, исполнети со мигови кои инспирираат знаење и визија за иднината, кај студентите во Македонија често се соборени кога ќе се соочат со реалноста која често наликува на тест за издржливост за голем број од нив. Предизвиците кои се јавуваат, доведуваат до тоа секојдневно да се поставува прашањето: дали нашиот систем создава идни лидери или млади лица кои спасот го бараат надвор од државата? Студентскиот живот во Македонија одамна не е само академски пат, туку судир меѓу амбицијата и суровите услови со кои се соочени младите.
Значаен проблем во дел од универзитетите сè уште се застарените методи на настава, кои доцнат децении зад Светот, долги години тука се вбројува и бирократијата, што е голема пречка за лесна достапност и обликување на квалитетен академски граѓанин.
Значителна бројка од студентите е погодена од финансиски притисок, бидејќи трошоците кои се нужни во студентскиот живот , во споредба со економскиот стандард во државата, за многу студенти го прават студирањето луксуз. Поради ова програмата Work &Travel за студентите во пракса често претставува излез – финансиски спас, не само искуство и авантура, а разликата во споредба со животот во странство може да доведе до тоа понатаму да биде и чекор за иселување.
Состојбата во студентските домови, катастрофалните услови што претставуваат еден инфраструктурен шок и години долг проблем укажуван од студентите, само го потврдува фактот дека студентот во Македонија се бори за основни достоинствени услови за живот.
Сепак, има и трошка надеж во сето тоа сивило. Постојат и универзитети кои се стремат да овозможат современ, квалитетен и достоинствен стандард во високото образованиe и нудат услови кои ги подобруваат студентските денови на еден студент. Но, промени, чекор по чекор, во аспект на подигање на високото образование на повисоко ниво на квалитет и можност секој иден студент да го искуси на најдобар начин студентскиот живот е нужност во државата, а гласот на студентите кој сè повеќе е присутен, за државата треба да биде дополнителен двигател и аларм за решавање на ова прашање.
Студентскиот живот во Македонија не смее да остане синоним за „преживување“ низ дефектни системи. Ако третманот на студентите остане обична статистика, бројка во системот, не треба да биде изненадување кога најголема амбиција на студентите ќе стане билетот во еден правец. Инвестирањето во достоен стандард е единствен начин да се создаде интелектуална екипа, која ќе избере да остане и да ја гради иднината во оваа држава, наместо да биде мотор на туѓи економии. Дали и Вие верувате дека нашите студенти се само бројки во системот?
Автор на оваа колумна е Мила Арсиќ, студентка во четврта година на правни студии при УЈИЕ Тетово. Таа го насочува својот интерес кон правните науки и примената на правдата во секојдневниот живот на граѓаните. Покрај факултетските обврски, таа се интересира за општествени теми, дигитална креативност и анализа на предизвиците со кои се соочуваат студентите.