Кога Бретон кажал дека убавината мора да биде грчевита или ќе ја нема, сигурно не мислел на состојбата на константен стрес за да се достигне работна позиција која ќе ни плаќа само пола кирија или пак, искуство кое изгледа добро на CV (а всушност е неплатен труд), за да се добие поголема довера кај наредниот работодавец.
Да се пишува на младинска тема како прегореност од мој POV станува сѐ потешко со оглед на тоа дека под а) одамна не сум студентка и под б) спаѓам под млади луѓе во зависност од географија и различни национални закони и верувајте, тој обрач станува сѐ потесен и потесен. Сепак, не можам, а да не препознаам различности, а малку сличности меѓу студентите денес и студентите пред десетина години.
Можеби најголемата разлика е тоа што мобилните телефони не беа технолошки развиени како денес, па си измислувавме креативни начини да ги преживееме досадните предавања, а уште поважно, не наидувавме на некоја поинтересна можност за студентска размена, волонтирање, стажирање, дообразување, односно немавме доволно пристап до можностите што денеска демнат зад секој нареден клик ако добро го воспиташ својот мал алгоритам. Рака на срце, за скратените можности не беше виновен интернетот, колку што за тоа беше виновна недоволно развиената државно-граѓанска инфраструктура што треба да им помогне на младите (нешто што прогресираше последнава декада, ако не од умни реформи, тогаш од глобализацијата и дигитализацијата). Кога станавме матуранти/ бруцоши и до нас стигна некоја многу ограничена форма на Инстаграм и на раат објавувавме по некој нефилтриран basic самослик кои денес би бил причина за социјално самоубиство, a објавите со безбројните животни успеси на знајни и нејзнајни следбеници беше далеку од нашата реалност. Слично беше тоа што милениумците беа хроничен виновник за сѐ што пропаѓа во светот, како сега Gen Z. Годините поминуваа(т), а ние го живее(в)ме синдромот на продолжена младост освојувајќи ги животните слободи и цели поспоро од вообичаеното. 30тите се новите 25ти, powered by нашата земја. Нејсе.
Денес, можностите се насекаде и постојаните повици и конкурси прават FOMO. Доцниот капитализам измешан со глобалното село создадено од интернетот, направи младите да чувствуваат дека подобра шанса се крие во следната, следната, следната, не следната објава. Но, многу често, отворените можности и вечното самонадградување може да доведат до прегорување. Или до пензионерски дом за прегорени млади во Малазија.
Свесна за една ваква ситуација, решив да не филозофирам и да искористам џокер повикај пријатели – психологот Кирил Тројачанец, студентката по психологија Милена Качаниклиевска и апсолвентката Ангела Бошкоска за да можам да навлезам во суштината на проблемот со прегорувањето, одбегнувајќи ја опасноста текстов да добие „ама чекај сега јас да ти кажам“ vibe.
Милена почнува да зборува на темата, раскажувајќи ја реалноста како да пишува дистописки роман: „нервниот систем на некој начин ни гори бидејќи сме свесни за светот во кој што живееме, односно кога има политичка нестабилност, некој тип на економски колапс и се предвидува и еколошки катастрофи, го имаме и моментот каде што AI ги презема сите работни места, не знаеме дали и кои ќе бидат работните места на иднината што е всушност она што ја прави нашата апликација конкурентна во време кога за едно работно место може да се аплицира од сите страни на светот“.
Mилена продолжува дека прегорувањето е сѐ почестo кај младите луѓе, посочувајќи дека и таа се наоѓа во свој меур на амбициозни млади, каде што нејзината перспектива е донекаде филтрирана, па на социјалните мрежи се конзумираат содржини на хиперуспешни претприемачи и фитнес инфлуенсери и постојано се споредуваат со нив.
„И кај нас се раѓа тој страв за неисполнет потенцијал и страв од неуспех, а сега живееме во некое глобално општество и сѐ ни е достапно на дланка, меѓутоа колку ние треба да дадеме за да стигнеме до тој свет, да се дограбаме до него?“, дополнува таа.
Секоја дистопија си носи со себеси некаков вид на „пропаганда“, а во овој случај мислам дека тоа се риловите за hustle, своевидни микропластики за душата. Инаку според податоците во склоп на Националната стратегија за ментално здравје за млади 2024-2026, 89% од младите имаат пристап до Интернет, вкупно 62% од младите се изложени на некои ризици на Интернет (hustle reels, меѓудругото), а дури три од четири млади во изминатата година се соочиле со страв од неуспех (74%).
И додека со Кирил разговаравме на тематикава, и како степенот на прегореност е право пропорционален со растечкото рацио за менталното здравје кај младите, Кирил кажува нешто револуционерно: „Мора да се внимава што се конзумира од средината, од аспект на, пропаганда, но не мислам на класична пропаганда, туку сѐ што ни се пружа на нас на интернет, во околината, како барања од општеството, очекувања, што многу често се нереални слики“.
„Еве ако збориме за инфлуенсери, тоа се идилични слики, таму се претставува слика каде човек е преубав, преуспешен, успешно гледа деца и не знам уште што умее успешно да прави, тоа е една нереална, идилична слика која многу често се зема здраво за готово, без некој филтер, дури на несвесно ниво“, се надоврзува тој.
Кирил посочува дека модерниот начин на живот, општествените побарувања, уредувањето, капитализмот, си го зема своето, па Gen Z не е поштедена од прегорување.
„Еве и нашава генерација (миленијалци), го чувствува баш тој бран на ‘едно сме учеле, едно сме очекувале’, а светот е малку поинаков и сега многу често приметувам дека нашата генерација се зема сѐ повеќе работни обврски, повеќе работи одеднаш работат некаде, па сега има некоја поголема нестабилност, поголема неизвесност и финансиските услови се поинакви“, вели тој.
Ангела споделува дека моментално, ако не сите, тогаш 95% од колегите од генерција имаат работни места, па така работат и во испитна сесија и тоа го менаџираат како што знаат, бидејќи работата е важна за издржување, особено ако доаѓаш од друг град.
„И кога си во група на факултет каде сите твои колеги работат, малку е и чудно чувството да не работиш. Критериумот сега е поставен како ‘ти можеш да го правиш тоа, ти треба да го правиш тоа, треба да работиш, треба да учиш, треба да пишуваш, треба сѐ да постигнеш’, па дури и самите наши професори нон-стоп нѐ прашуваат дали сите работиме и сето тоа им е малку чудно“, вели таа.
Милена се надоврзува дека таа како студентка, покрај факултетот секогаш има дополнителен курс или дополнителна пракса.
„Работам со три различни организации, постојано следам рокови за кои стипендии да аплицирам, на кои истражувања да аплицирам, секогаш е тука моментот дека сакаш и ти да си фит, сакаш да имаш социјален живот, се следи нутриција…“, вели таа.
Според Кирил, Gen Z и најмногу го имаат почувствувано pre&post корона преминот, зашто ако до пред корона кризата важеа едни правила, сега важат други правила, баш во нивните развојни години коишто создаваат несигурност кога нема стабилен grounding, па тоа е плодно поле за прегорување.
„Не е дека човек може да прегори само од работа, тоа се случува и кога ќе се соберат наеднаш бројни фактори. Може да има психо-емоционални процеси плус поврзани со работниот процес, многу капацитети се трошат во ваквиот начин на живот. Не ни е толку природно да имаме вакви услови, да се бараат толку многу нешта од нас како индивидуи. А со прегорувањето си доаѓааат и други работи – анксиозност, депресија“, посочува тој. Според Националната стратегија, 48% од младите пријавиле чувство на тага и празнина.
Појавата на анксиозноста ја чувствува и Ангела, дополнувајќи дека цело време ја турка под тепих.
„Прашањето е кога ќе се дипломира – дали во рок, дали ќе се одолговлекува. Веќе не можеш да размислуваш ‘јас сум студент и можам да работам било што’, туку морам да почнам да размислувам за работа која ќе ме направи 100% финансиски независна. Постојано си во вода. И мораш самиот да најдеш камен на кој ќе се потпреш“, вели таа.
А ден за себе, можеби ќе се запрашаат наивните. Денот за себе одамна не постои. Да постоеше, би бил вишок ден помеѓу сабота и недела, каде саботата е да ги завршиш обврските што ти останале од петте работни дена, а неделата е ден да се подготвиш за одново да започнеш во понеделник (читај, да си анксиозна) каде се работи само шест часа на ден. Едноставно, не може да се избега од тоа чувство, а тоа го потврдува и Милена.
„Кога имаме денови за одмор, барем најголем дел од луѓето што ги знам, веднаш го добиваш чувството дека запаѓаш позади другите, дека пропушташ шанси и чувствуваш грижа на совест да не преземаш нешто во тој момент зашто само седиш. А тоа не е седење, има разлика меѓу непродуктивност и одмор, јас ако решам дека сакам да лежам, нема да се одморам бидејќи ментално ќе бидам напната зашто само лежам тој ден. За мене продуктивен одмор би бил да се прошетам, да прочитам книга, на некој начин пак да го имам окупирано мозокот за да не ми дојдат тие мисли дека јас нешто пропуштам и јас нешто треба да правам. А тоа е доста присутно меѓу мојата генерација“, вели таа.
Надоврзувајќи се, таа посочува дека при една јануарска рефлексија сфатила дека ја пречкртала to-do листата од пред некоја година – отсекогаш сакала да патува, да работи и да студира во исто време. И покрај тоа што го постигнува ова, ѝ доаѓа моментот на „дали е навистина ова животот што го сакав“?
„Како психолог, сега ја имам и другата перспектива и едноставно можам да рефлекторам дека ние луѓето како социјални битија, најголем дел од значењето ни се сведува на нашите социјални релации, па до некој степен потфрламе како дисоцијална генераница бидејќи сите сме толку хипефокусирани да постигнеме некој вид на успех, меѓутоа тоа е светот во кој живееме, односно тоа е целиот наратив на овој доцен капитализам во распад“, вели таа. Според Националната стратегија, најголемиот страв со кој се соочуваат 40% од младите е осаменоста, стравот од отфрлање (33%) и изолација од пријателите (27%).
И сега, при крај на овој текст доаѓа најтешкото прашање – како да се реши проблемот со прегореноста кај Gen Z, која истовремено е најсвесната генерација за менталното здравје, а истовремено и најпрегорена, бидејќи знаете, расте и се развива во дно кое одамна не е само дупло.
Кирил вика – свесноста. Знае, знае, и тој дека е прелесно да се каже, но послушајте го кога вели дека свесноста е моќна алатка за овие работи.
„Треба да сме свесни што сакаме, што можеме и што е изводливо во дадена ситуација Сега ова е вака лесно да се каже, ама ние сме комплексни суштества, многу работи ни се случуваат внатре во нас и во околината воедно, така што не се така едноставни во реалноста можеби, но сепак свесноста е моќна алатка и јас би рекол дека тука е моментот дека не можеме сѐ наеднаш. Можеме многу работи, но многу е тешко сѐ наеднаш – не е тешко, невозможно е“, заклучува тој.
И за Милена справувањето со прегореноста е зависно од нивото на свесност (не се имаа договорено, јас потврдувам) кај себеси и подготвеноста да сфатиме дека контролата е до некој степен илузија.
„Треба да се препуштиме на тоа што ќе биде, меѓутоа да почнам од себеси, па потоа сите други, никој не е подготвен тоа да го направи, иако сме свесни дека менталното здравје е од исклучително значење, многу мал дел од нас го приоретизираат тоа бидејќи едноставно системот не е направен на таков начин. Меѓу Gen Z има највисока стапка и на депресија и на анксиозност и други типови на растројства, така што свесни сме и пробуваме да направиме некоја промена, меѓутоа има долг пат додека да стигнеме до тоа“, вели таа.
Нешто што долго ќе го паметам од процесот на пишување на овој текст е реченицата „личната добросостојба е во голема мера лична одговорност“, мантра која ќе се обидам да ја употребам во секојдневјето, да ја искористам за caption на фотка на Инста, а можеби, можеби, ќе се одјавам и на неколку мејла со неа.
Но уште поважно, таа е одговор за прашањето како да се советува генерација која е свесна за својата прегореност, но продолжува да се труди, бидејќи што друго останува кога владее тотална несигурност. „Личната добросостојба е во голема мера лична одговорност,“ вели Кирил, додавајќи дека тоа нѐ навраќа на искуството и фактот дека некој работи апсолутно мораат да се искусат за да се сфатат, односно народски кажано: „не може со инка памет да се става во главата“.
Сигурна сум дека младите не се само прегорени, туку и изгорени од ситуации каде нивниот труд не бил ценет. Знаејќи се и знаејќи ги, знам дека некои лекции се тешко да се научат, а некои прават да се трудиме уште повеќе.
Според Кирил, некои од нас може така да тераат подолго време, некои не, па суштината е човек да истражи што може, што не може, што сака, што не сака, што не може во моментов – треба да собере вештини, да изгради за понатаму.
„Мислам дека нешто што би можеле да дадеме на Gen Z како постара генерација е нашата поддршка. Со тоа што ако зборуваме за одговорност, не е дека и заедницата и општеството немаат своја одговорност. Си имаа и тие одговорност. Ние си имаме проблем во нашето општeство со граници и и одговорност, би било убаво да се пружа простор, да се пружа поддршка, поткрепа, на сите помлади генерации, за да можат и тие да искусат, да имаат нешто на кое можат да се потпрат, а не начисто да попуштат, па да има посериозни последици на менталното здравје и на здравјето општо. Искусување. Така учиме ние луѓето, преку искусување“, посочува тој.
Ако уште сте во процес на „знам, ама морам уште ова“, Милена посочува дека лично ѝ помогнала медитацијата.
„Ме научи да си дадам простор помеѓу моменталната ситуација и мојата реакција, бидејќи мојата реакција е единственото нешто што можам да го контролирам“, вели таа.
Тука конечно доаѓаме до крајот на овој текст и до моментот кога сфатив дека и јас потпретерав во реализацијата на текстов, па во име на мојата, па и вашата добросостојба тука некаде завршувам, сугерирајќи да ја чуете Who од Томи Кеш, да тој Томи Кеш, потоа Espresso Macchiato (иако реално не морате), па повторно Who чисто за потсетник дека понекогаш, работите се скоцкуваат и станувате успешни кога најмалку се трудите.