Кога „ние и вие“ стана „ние против вас“? Кога „јас и ти“ станавме „јас против тебе“?
Кога почнавме сочно да се мразиме едни со други? Од кој темен агол на нашето постоење го црпиме уживањето во тоа да се валкаме со навреди? Груби и примитивни навреди што ги расфрламе наоколу, со надеж дека ќе ја погодат целта.
Толку ли е загадена и затруена нашата свест што ни причинува задоволство туѓата пропаст?
I
Ова требаше да биде текст за тоа зошто сме толку поделени и зошто живееме во ера на раздор и неслога. Тема што долго ми ги окупира мислите и секој пат неминовно застанува на најболната точка: зошто толку омраза?
Либералци против конзервативци, мажи против жени, капиталисти против социјалисти, стари против млади, христијани против муслимани, центарци против аеродромци, прилепчани против битолчани, турбофолкери против алтернативци, северџани против националисти, интелектуалци против теоретичари на заговор, Македонци против Албанци, сите против Ромите.
Пандемијата на омраза се чини дека ја има зафатено секоја клетка од нашето заедничко постоење. Никој не остана имун на симптомите, затоа што тие што ја шират се упорни во својата цел: сите да се заразиме.
Ако се обидеш рационално да ги соочиш со нивната нерационалност, се повикуваат на „природниот“ ред на нештата, на тоа кој стапнал прв на земјата, кого еволуцијата повеќе го наградила, кој кого прв нападнал. Секој обид за здраворазумна дебата завршува заробен во нивното тркало на бес, страв и соочување со сопствената немоќ.
Неодамна читав еден есеј од Лав Толстој напишан во 1900 година. Загрижен поради зовривањето на тензиите меѓу нациите, кои наскоро ќе кулминираат со Првата светска војна, Толстој расправа за штетноста на патриотизмот, кој во пракса не се разликува многу од национализмот. Тој објаснува дека патриотизмот што луѓето го живеат во тоа време, наместо благородна љубов кон својата држава, е всушност желба за надмоќ над другите, желба да се добие нешто за себе на сметка на другиот, која неизбежно води кон конфликт и војна.
Повеќе од 100 години подоцна, истата дефиниција важи и за многу други, навидум добронамерни преференции кон своите. Наместо чувство на припадност и емоционална поврзаност со своето, ние му посакуваме пропаст, болка и поништување на туѓото, на сè и секој што е различен од нас.
II
Да сме различни е нормално. Имаме различни мината и искуства, сме биле изложени на различни нешта, сме растеле под различни закани и со различни придобивки.
Во ред е да сме различни ако нашата различност се гради врз темелот на моралните вредности. На она што како колектив сме одлучиле дека е добро, наспроти она што е лошо.
Демократски е да имаме различно мислење или став за една иста работа и тоа отворено да го дебатираме, да се расправаме, па и да не се согласиме.
Но нашата различност не е она што ја расцепи огромната провалија што постои меѓу нас.
Во ерата на поствистина, ние повеќе не расправаме различни мислења за истите факти. Се расправаме за различни „факти“. Секој живее во својата вистина, која често нема допирни точки со туѓата.
Ја изгубивме заедничката реалност на дното на провалијата. Таа стана толку длабока и широка, што ни изгледа невозможно врз неа да изградиме мост на кој ќе се сретнеме. Го изгубивме заедничкото тло што е неопходно за демократска дебата.
III
Пред две години на социјалните мрежи на ИРЛ објавивме краток исечок од поткаст за насилство врз жените, во кој ја дискутиравме популарноста на Ендру Тејт, лице кое во моментот е под истрага за трговија со луѓе и сексуално злоставување на жени.
Бев убедена дека ова е тема за која сите се согласуваме. Но, коментарите ме изненадија. Мажи и жени „скокнаа“ да го бранат Тејт. Тврдеа дека им помага на младите мажи да станат успешни и бараа да обезбедиме доказ дека користи мизогин говор. Нивниот фид го претставуваше Тејт како успешен бизнисмен и „role model“.
Реалноста беше сосема поинаква.
Деградирачки говор, омаловажување, повици за насилство врз жени и нивно покорување беа само дел од работите што ги зборува Тејт.
Беше невозможно да се „договориме“ дали тоа што го прави е правилно или не. Зборувавме за сосема различни работи. Како да не дискутиравме за истата личност.
Пред последните избори во САД, доживеав реприза на овој надреален проблем. Поддржувачите на Доналд Трамп во Македонија споделуваа „факти“ што дотогаш не стигнале до мене, како неговата наводна анти-воена политика.
Едно Гугл пребарување не делеше од вистината. Во неговиот прв мандат тој ги засили воздушните напади и воените операции, како нападите врз сириската влада и убиството на ирански генерал.
Од денешна перспектива, наративот за неговата „мирољубивост“ е апсурден.
Аргументите што јас ги застапував, како неговите обиди за поткопување на изборите, дискриминаторските политики и отворената агресија кон независните новинари, за нив беа подеднакво непознати. Беше јасно дека во текот на кампањата сме биле изложени на комплетно различни содржини.
На едната страна Трамп беше претставен како миротворец, на другата како тиранин.
Тогаш сфатив дека не сме гледале во две страни на истата паричка. Сме гледале во две различни парички.
Ние не можевме да имаме аргументирана расправа. Секој се обидуваше да ја убеди другата страна дека ги има вистинитите факти, а другата лажните. И така, стоејќи на двата брега, тегнејќи се помеѓу лагата и вистината, суштината на разговорот пропадна во провалија.
Оваа невозможна дебата почна да се повторува со секоја тема што ќе ја отворев со неистомисленици. Без разлика дали стануваше збор за етнички односи, религија, родови прашања, државно уредување, човекови права, кучиња скитници или дали Земјата е рамна или топка.
Секогаш наидував на истото. Не дебатиравме за различни ставови на истата тема. Не се расправавме ни за различни толкувања на истите факти. Како да живеевме на две различни планети и се обидуваме да се договориме која нијанса е небото, а едното е сино, другото црвено.
IV
Стигнуваме до проблемот на алгоритмите, современиот прозорец кон светот.
Мојот против твојот алгоритам, нашиот против нивниот.
Мојата игнорантност кон аргументите што ми беа туѓи, непознавањето на „фактите“ со кои бев соочена, дури и кога беа неточни, искрено ме загрижуваше.
Не пишувам од позиција на некој што е над проблемот. И јас сум дел од него. И јас сум производ на сопствениот алгоритам и на информациите што допираат до мене, кои се всушност мимикрија на моите ставови.
Избегнувајќи ја фрикцијата, онаа психолошка нелагодност што произлегува од соочување со спротивни ставови, се опкружувам со луѓе и содржини што ги зацврстуваат моите убедувања.
Овој механизам во психологијата се дефинира како „confirmation bias“, односно тенденција да се бараат и паметат информации што го потврдуваат нашиот постоечки став.
Во таква средина лесно се создава ехо-комора, затворен комуникациски простор во кој моите уверувања постојано се потврдуваат, а спротивните ставови ретко продираат. Бидејќи е полесно да го слушам сопственото ехо отколку да бидам предизвикана.
Нашите алгоритми се огледала на нашите убедувања. Тие не функционираат според принципот на вистина, туку според логиката на профитот. На интернетот кликот е валута, затоа предност имаат информациите што предизвикуваат повеќе емоции, а со тоа и повеќе реакции (кликови).
Секој од нас гледа само мал дел од интернетот. Дел што е скроен според неговите интереси и убедувања. Затоа информациите што го потврдуваат она што веќе го мислиме и чувствуваме, без разлика дали се вистинити или не, имаат најголема веројатност да стигнат до нас. И токму затоа приказните победуваат над фактите.
Како што образложува Јувал Ноа Харари во „Сапиенс“, луѓето за да функционираат во големи системи како општества не се обединуваат со факти, туку со митови и приказни. А алгоритмите тоа го прават умешно, ни ја даваат приказната што најмногу сакаме да ја слушнеме.
Алгоритмите не се некакви хумани конструкти на човештвото чија цел се информирани и обединети граѓани. Целта на технолошките компании е да заработат на сметка на нашето внимание, кое го продаваат на оние што имаат економска моќ и корист од тоа што ќе мислиме и на чија страна ќе бидеме.
Во светот на алгоритмите, предност нема вистината. Предност имаат бесот, стравот, навредата, омразата и конфликтот. Содржините што нè делат се најисплатливи.
Како што покажуваат бројни истражувања, дигиталните платформи не се јавни простори за дебата, туку комерцијализирани системи што ја обликуваат јавната свест според логиката на профитот.
V
Кому му одговара нашата поделеност, конфликтите и омразата што ја негуваме едни кон други?
Исто како што војните не се случајни, така не е случајност ни вжештувањето на меѓучовечките односи. Во секој конфликт има некој што профитира и некој што го извлекува подебелиот крај. Ова е нешто за кое речиси сите се согласуваме. Знаејќи го ова, сепак дозволуваме да бидеме вовлечени во раздорниот вртлог на судири кои во секој момент може да кулминираат во војни од кои мнозинството ќе изгуби, а малкумина ќе добијат.
Зошто? Зарем ова е напредокот на човештвото? Стотици илјадници години еволуција нè доведоа до овде? „Најпаметниот“ вид на планетата не може да ги препознае своите вистински интереси и одново и одново ги заборава кобните лекции што минатите генерации ги научиле на најтрагичен начин.
Во последниве месеци, додека сме во исчекување дали светските сили ќе нè втурнат во нова војна, случајно налетав на некои записи напишани за време на Втора светска војна. Психоаналитичарот Ерих Фром, како и многу други во тоа време, ги поставува прашањата: „Како е можно милиони мажи да убиваат невини луѓе од други народи и самите да бидат убиени? За што се борат? Како е можно двете страни да веруваат дека се борат за мир и слобода? Како беше можно да избувне војна кога сите тврдеа дека не ја сакаат?“
Во есејот што го споменав во воведот, Толстој предупредува дека тие што владеат, за да продолжат да владеат, мора постојано да создаваат чувство на закана. Да нè убедат дека сме во опасност и дека токму тие се тие што треба да нè заштитат. А за тоа да функционира, гневот мора да се распламтува и насочува. Од едните кон другите и обратно.
Но проблемот не е само во нив. Проблемот е и во нас. Затоа што ги прифаќаме тие поделби како природни, а не како вештачки, создадени од оние што имаат моќ над нашите мисли и емоции.
Џорџ Орвел во есејот „Белешки за национализмот“ вели дека дејствијата се сметаат за добри или лоши не според нивната суштина, туку според тоа кој ги врши. Истото насилство, истата неправда и истата лага стануваат прифатливи кога ги прават „нашите“.
Во меѓувреме, оние што имаат најмногу моќ добиваат токму тоа што им треба: поделено општество кое полесно се контролира и потешко се обединува околу заеднички интерес. Вжештена маса на народ која може да се распламти „на копче“, кога мала група луѓе зад затворени врати ќе одлучи дека тоа е во нивен личен бизнис интерес.
VI
Решението не е толку комплицирано колку што изгледа. Не можеме да ги смениме алгоритмите преку ноќ. Не можеме ни да ги смениме сите лидери и на нивно место да поставиме добронамерни луѓе што ќе ги застапуваат нашите најдобри интереси. Ниту можеме да го демонтираме системот што профитира од нашата поделеност. Но можеме да направиме нешто многу едноставно, да почнеме да разговараме.
Истражувањата покажуваат дека кога група луѓе со исти ставови дебатираат само меѓу себе, нивните ставови стануваат поекстремни и порадикални. Затоа е многу важно да излеземе од сопствените меури. Да се изложиме на мислења што нè нервираат, што не ни се допаѓаат, што нè предизвикуваат и да издржиме во таа непријатност.
Затоа што демократијата не значи сите да мислиме исто. Туку да делиме заедничка реалност, дури и кога не се согласуваме.
Нашите вистински човечки интереси не се во судир. Потребите за достоинствен живот, добросостојба и здрава животна средина за сите се исти, без разлика на која „страна“ стоиме.
Првиот чекор можеби не е да се убедиме едни со други, туку да градиме мостови на кои ќе можеме да се сретнеме на пола.
„Ако некој каже: овде има провалија, ти кажи му: онде има мост.“ – Горан Стефановски
Авторка: Деница Чадиковска.